Feeds:
Написи
Коментари

Превземено од www.365.com.mk

По повод протестите на групата Anonymous на улиците во Лондон одлучивме да ги поддржиме и виртуелно да се придружиме на иницијативата да се искорени овој култ глобално. Повеќе за сите оние што сакаат да дознаат што навистина претставува Скиентологијата.

Што е Скиентологија? На што не учи таа?

Многу од граѓаните на Македонија воопшто не се свесни за нејзиното постоење, ниту за опасностите од неа. Деновиве, кога таа е во центарот на светските медиуми и низ улиците на Скопје во форма на „бесплатен стрес тест“, решивме да направиме детално истражување за суштината и целта на Скиентологијата, пред граѓаните да го оправдаат и прифатат, односно осудат нејзиното постоење.

Скиентологијата ја сочинуваат селектирани принципи и методи на психоаналитички, медицински, филозофски и религиозни учења и поврзани техники, развиени од американскиот автор Лафајет Рон Хабард. Низ период од 30 години, почнувајќи од 1952 година, таа се стекнува со провокативната дескрипција – филозофија за самопомош, односно систем за само-лекување познат како Дијанетика. Хабард развил една егзактна методологија која треба да им помага на луѓето да станат свесни за нивната духовна егзистенција, да научат да живеат повеќе животи симултано, а со тоа да станат и поефективни во физичкиот свет. Името „Скиентологија“ (анг. Scientology) се однесува на контроверзната „Црква на Скиентологијата“, најголемата организација која го промовира учењето на Скиентологијата.

Потврдена цел на Скиентологијата е да го „рехабилитира“ тетанот(груб еквивалент на човечка душа), со што душата повторно би се стекнала со основната состојба на „целосна слобода“. Иако некои групи и неколку влади ја прифаќаат Скиентологијата како bona fide (лат. добра волја) религија, „Црквата на Скиентологија“ не е ништо помалку од сериозно развиен култ на алчноста, кој се прикрива под терминот религија, понекогаш и под псевдорелигија, односно транснационална корпорација.

Таа спроведува разновидни техники за контрола на умот на луѓе кои се намамени во нејзината средина, како би можела да се здобие со контрола на нивните животи. Главно, нејзина цел е да стигне до материјалното, конкретно до финансискиот извор на приклонетите поединци, или пак истите да ги зароби во „компензација“ за нивниот труд кој речиси никогаш не е реципрочен.

Од многуте изјави во врска со оваа религија, би сакале да ја цитираме можеби најпознатата реченица на основачот на Скиентологијата Л. Рон Хабард, кој вели: „Пишување по еден збор за едно пени е смешно. Ако човек сака да направи милион долари, најдобриот начин е да започне негова сопствена религија.“

Потекло на Скиентологијата

Очигледно е дека основоположникот на Скиентологијата, Л. Рон Хабард, при креирањето на „Црквата на Скиентологија“ искористил голем број претходно постоечки идеи, иако презентирал многу малку цитати или коментари за изворите кои му помогнале, го упатиле или го инспирирале. „Црквата на Скиентологија“ себе се презентира како комплетно оригинално дело, а „изворот“или творецот е Хабард лично.

Таа рекапитулира, создава и се води од идеите кои Хабард ги претставил во Дијанетиката, поранешен систем на техники за самоподобрување, земени од неговата книга „Дијанетика: Модерна наука за менталното здравје“, печатена во 1950 година. Во тоа колку Дијанетиката е модерна денес, по повеќе од 50 години, не би навлегувале. Хабард го признава влијанието на Aleister Crowley и системот на генерална семантика, кој во триесеттите години на минатиот век е развиен од Alfred Korzybiski, и кој бил прилично влијателен во тогашната научно-фантастична субкултура. Во Скиентологијата се забележува влијанието на Хинду концептот за карма, како и психолошките теории на Зигмунд Фројд, Карл Јунг и Вилијам Саргант, а во голем дел таа наликува и на Будизмот.

Социологот Дејвид Г. Бромли од институтот во Вирџинија ја опишува Скиентологијата како „квази-религиозна терапија“ која наликува на Фројдовска „длабинска психологија“.

Верувања и практика

Учењата на Скиентологијата се структуирани во серија нивоа кои го рефлектираат верувањето на Хабард дека рехабилитацијата се одвива „чекор по чекор“. Скиентолозите следат низа курсеви кои ескалираат во едно напредно, мистично, повеќеслојно скиентолошко учење. Патот на учење е познат како премин, или „Мостот на целосна слобода“ или само „мостот“, а секој чекор од мостот ветува поголема лична слобода во некоја одредена област од животот.

Некои од основните принципи на Скиентологија:

– Личноста е бесмртно духовно суштество(тетан) кое поседува ум и тело.
– Тетанот живеел многу претходни животи и продолжува да живее по смртта на телото.
– Преку процесот на аудитинг(подолу објаснет) личноста се ослободува од „енграми“(болни, несвесни спомени) и „импланти“(слично на енграм) за да постигне состојба на „клиер“(анг. Clear) каде таа се ослободува од сите минати спомени, емоции и трауми, за на крај личноста да ја достигне состојбата на „Оперативен Тетан“ (ОТ) – кога се функционира независно од тежините на материјалниот универзум.
– Психијатријата и психологијата се лоши и навредливи.

Тајните за стигнувањето до нивоата на Оперативниот Тетан се учат во серија курсеви наречени нивоа или левели, означени со римски бројки од ОТ I до ОТ VIII, за кои Скиентолошката Црква има издадено строго доверливи насоки и документи. Хабард тврдел дека има напишано петнаесет ОТ нивоа(ОТ XV).

Има ли Скиентологијата позитивна страна?

Целта на применувањето на Скиентолошката психотерапија наречена „аудитинг“ е да се ослаби умот. Умот преоѓа од рационална во ирационална состојба, а конкретни содржини на потсвесниот ум излегуваат на површина, под претпоставка дека се валидни. Ова прави личноста да биде поосетлива на сугестија, бидејќи тоа ги претопува критичните мисловни делови на умот во делумна потсвесна состојба. Процесов резултира во перманентен лесен хипнотички транс, а во таква состојба личноста може да биде полесно контролирана и лесно убедена во се што ќе и се каже. Секако, оваа процедура се користи главно за да се наведат кандидатите постојано да се посветуваат на култот и материјално да се исцрпуваат. Во голем процент аудитингот се користи за да се дознае комплетниот сексуален живот на личноста, бидејќи кога се поседуваат снимени искуства, детали и фантазии од нечиј сексуален живот, или пак криминални животни искуства, тоа значи дека се поседуваат сосема доволно елементи за уцена, а со самото тоа и тотална контрола на личноста. Тука започнува теророт: лажни обвинувања и уцени од типот „Не би сакале некој да дознае дека имате љубовница нели? Тогаш поминете на аудитинг сесија“. Скиентологија теоретски го поткрепува своето постоење со објаснување дека им помага на луѓето кои сакаат да се чувствуваат подобро, на оние кои сакаат да ги решат проблемите и да го зголемат својот IQ. Но всушност, тоа е пирамидална хиерархија, игра на моќ која удира по егото на човекот и апсолутно не е засегната за индивидуалните карактери и нивните најразлични маани и проблеми.

Повеќе…

Судот во Франција донесе пресуда со која се осудува тамошниот огранок на Скиентолозите за измама и подели високи парични, како и затворски казни. Од друга страна, уште една славна личност јавно се откажа од членството во организацијата, а нивниот портпарол предизвика скандал на американската телевизија ABC.

Првиот удар за Скиентологијата дојде од Франција – држава која од стартот е во војна со Скиентолозите затоа што не ги признава како религијата, туку ги смета за секта. Тамошниот суд, по тужбата од две жени, ја осудија организација за измама, одредија казна од 600 илјади евра, а главниот Скиентолог за Франција го осудија на затворска казна од 2 години и парична казна од 30 илјади евра за обвинението организирана измама. Првата жена ги тужела затоа што ја натерале да потроши 20 илјади евра на витамини и курсеви за себеподобрување откако направила еден од познатите стрес-тестови. Другата тврди дека била отпуштена од шефот кој бил член на организацијата, зашто одбила да пристапи. Портпаролот на Скиентолозите, Томи Дејвис (син на актерката Ен Арчер, долгогодишен член на „Црквата на Скиентологија“), изјавил дека пресудата ги прекршила правата на групата и очекува да биде променета по жалбените постапки.

Токму Томи Дејвис предизвика скандал при гостувањето во емисијата Nightline на американската телевизија ABC. Кога од водителот добил прашање дали верува во интергалактичкиот вонземски лидер Гзину, околу кој е центрирана скиентолошката приказна, тој демонстративно го напуштил студиото, велејќи дека таквите прашања наведуваат на „одвратни перверзии“ за црквата на Скиентологија. Подоцна, околу 45 минути пред закажаното емитување на емисијата, тој се појавил во телевизијата ABC барајќи снимките од неговото интервју да бидат извадени. Барањето било одбиено.

Најголемиот удар веројатно доаѓа од сценаристот и режисер Пол Хаџис (Million Dollar Baby, Crash). Неодамна, тој се откажа од своето членство, упатувајќи му отворено писмо на Томи Дејвис. Во него ги искажува своите несогласувања со политиката на „одделување“ (прекинување на врските со семејството и пријателите кои не ја одобруваат Скиентологијата), неговото лично несогласување со скиентолошкото противење на геј-браковите во Калифорнија, како и начинот на кој се употребени доверливи информации за да се дискредитира Ејми Скоби, жената која го водела регрутниот центар за славни личности повеќе од 20 години, откако решила да си замине. Во писмото, меѓу другото, Хаџис напишал:

„Како се осмелувате да искористите приватни информации за да етикетирате некого како ’прељубник’? Ги зедовте најинтимните исповеди на Ејми Скоби за нејзиниот сексуален живот и ги предадовте на медиумите и потоа ги објавивте во вашето гласило! Таа ја водеше целата мрежа за славни личности и беше лојален член на црквата колку, 20 години? Ако сакате да ги негирате нејзините обвинувања, направете го тоа, направете го најсилно што можете, но таквиот начин на атентат на личноста е незамислив“.

Превземено од www.365.com.mk

Превземено до www.365.com.mk

Би се очекувало од неталентирани и пропаднати славни личности да пристапат кон култ. Па така, воопшто не изненадува фактот што Џон Траволта, Том Круз, Кристи Али итн. се истакнати членови на црквата на скиентологија. Но, постојат некои луѓе за кои никогаш не би претпоставиле дека би можеле да потпаднат под влијание на една ваква организација, но сепак потпаднале.

Повеќе…